Contemporary Art Center

Oтвoрањето на Мобилна/Mонтажна галерија на Центарот за современи уметности – Скопје

Мобилна Mонтажна Галерија на Центарот за Современи Уметности – Скопје

 

Отворање на Галеријата: Петок, 04 април, 2014, 20.00 ч., локација: Парк на Франкофонијата

 

Идејата за креирање на Мобилната монтажна галерија е резултат на потребата за независно делување во сопствен простор кој ќе биде препoзнаен како таков и кој нема да зависи од вољата на јавните културни институции и нивните интереси, туку ќе ги одразува идеите и креативните потенцијали на уметниците, независниот културен сектор и граѓаните.

Соочени со тивкото замирање и огромната декаденција на уметничката и културната сцена и со уништувањето на граѓанскиот концепт на јавниот простор (донекаде и на јавните културни институции) во Скопје но и во цела  Македонија, ние - Центарот за современи уметности преку  Мобилната/Mонтажна галерија всушност решивме на креативен и естетски прифатлив начин да извршиме упад во јавниот простор и на уметниците и кутурните делатници да им овозможиме нова  директна комуникација со граѓаните и публиката. Галеријата има потполно отворен концепт таа самата е школка, бина, сцена, галерија... која по потреба се менува и ги тера луѓето на интеракција. Преку својот изглед и отвореност (од две страни е целосно транспарентна) но и со својата програма таа е предвидена да комуницира  со просторот и публиката но и со нејзината нејасност - односно случајните минувачи, соседите и  граѓаните на чии дневни рути на движење се наоѓа и да ги приморува макар на базична интеракција со содржините.
Изгледот и концептот на галеријата се резултат на широка дебата и истражување спроведени во изминатите 6 месеци од страна на ЦСУ - Скопје, при што беше посочена потребата просторот да биде: мобилен, флексибилен и мултифункционален и да има можност за претставување на повеќе форми на уметничко и културно изразување, од класични изложби до јавни дебати, перфроманси, работилници и слично.
Со отворањето на Мобилната / Монтажна галерија конечно првенствено Скопје, но и другите градови во Македонија (галеријата ќе патува по потреба)  ќе добијат реален независен простор каде ќе можат да се претставуваат, презентираат и изложуваат најразлични проекти од сите гранки на културата и уметноста и каде што културната публика и граѓаните ќе имаат свој простор за размена на мислења, идеи и дружење. Истовремено галеријата ќе ја намали зависноста (и можностите за уценување) на независниот културен сектор од страна на јавните културни оператори без разлика дали делуваат на локално или национално ниво.

Со оглед на потребата за програмска препознаеност, но и со оглед на потребата од простор за делување на сите независни актери од областа на културата и уметноста како и од граѓанскиот сектор Мобилната/Монтажна галерија има 4 главни линии на делување – ON  и ОFF програма, Програма за заедницата и Програма за граѓански активизам во јаниот простор.

  1. ОN Програмата на галеријата се однесува на ликовни, мултимедијални и проекти од областа на визуелните уметности кои ќе бидат во целосна или делумна продукцијата на галеријата, кои ќе го носат жигот на галеријата и ќе бидат финансиски поддржани од ЦСУ - Скопје во рамките на програмата на галеријата
  2. OFF Програма на галеријата се однесува на сите проекти и акции од областа на културата и уметноста  во нивното  најшироко сваќање кои ќе ги задоволуваат осноните критериуми на галеријата (иновативност, современост, квалитет) да бидат просторно и логистички поддржани  Оваа програмска линија всушност значи давање просторно логистичка и техничка поддршка на самостојните творци, уметничките групи и независните организаци кои немаат сопствен простор за делување своите идеи и продукција да ги претстават на јавноста преку галеријата.
  3. Програмата за заедницата – е експериментална програма наменета за развој на креативните идеи и содржини во непосредната околина на галеријата и предвидува нови форми на интеракција со заедниците и нивните претставници, задоволување на локалните културни потреби и заедничко креирање на нови содржини кои треба да доведат до генерално подигнување на перцепциите кон културните производи, интересни и привлечни за локалната заедница (маало, месна заедница)  која е во непосредната близина на галеријата.
  4. Програма за граѓански активизам – Оваа прогама има за цел преку непосредни презентации, разговори, дебати но и специфични обуки и акции да го стимулира граѓанскиот и активистичкиот пристап за решавање на проблемите на граѓаните и вршење притисок кон надлежните за решавање на проблемите на заедниците.

Самата галерија е  јавен простор/платформа, со димензии 5 х 9 метри, која што во еден момент физички може да се трансформира од потполно затворен галериски простор до отворена сцена за претстави и граѓански дебати во зависност од потребата на настанот кој се организира.
Платфромата е покриена со челична монтажна конструкција, обвиткана со мрежа во квадратен растер со димензии 2/2 цм, врамена во челични монтажни рамки. Висината на покриената платформа е 3,6 м покриена е со мек и на места транспарентен материјал и церада. Во внатрешноста на платформата се наоѓаат изложбени панели коишто се движат на шини во горната зона и со тоа формираат флексибилен простор за изложување во внатрешноста на платформата.
Галеријата е архитектонско авторско дело на архитектите Дејан Ивановски и Филип Јовановски

За повеќе информации обратете се во Центарот за современи уметности

тел/факс 3 133 541, емиал This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. , This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. или на
Никола Писарев 070 27 00 64

Анита Ивковиќ  078 34 68 04

 

Спроведувањето на проектот Мобилна/Монтажна Галерија на Центарот за современи уметности - Скопје е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го реализира Фондацијата Отворено општество Македонија.