Contemporary Art Center

Изложба на фотографии: Homo Natura – Homo Technologicus

автор: Наташа Гелева

локација: Мобилна/Монтажна Галерија, среда, 21 мај, 2014, 20.00 ч., Парк на Франкофонијата, Скопје (Локацијата за поставување на галеријата е овозможена со поддршка на Општина Центар)

Homo Natura – Homo Technologicus

Човекот е производ на природата а технологијата е производ на човекот, но во сè поголемиот технолошки прогрес, човекот ја заменува природата со производите на технологијата, создавајќи нова, артифициелна животна средина. Со тоа човекот ја изразува својата, во суштина парадоксална природа, како единствен „продукт“ на природата што креира артифицелна средина за себе. Фотографиите oд серијата Homo Natura – Homo Technologicusго испитуваат тој однос природно-артифициелно и парадоксалноста која произлегува од контрадикторностите содржани во човековото суштествување. Тие доловуваат една пост-апокалиптична атмосфера и се реакција на претераниот конзумеризам, кој е производ на натрупување на материјалните добра. Тука се прави спој на фасцинацијата со човечкото тело и естетиката на искористени и отфрлени предмети. Човекот во својата самодоволност третира сè како потрошливо, и природата и нејзините ресурси, и алатите и технологијата, па дури и луѓето. Но во овој свет на брз конзумеризам забораваме да помислиме што ќе се случи кога ќе потрошиме сè. Затоа преку овие фотографии, кои се снимени на отпад се испраќа еколошка порака дека е време да се почне да се размислува за рециклирање, она што поголемите земји веќе одамна го имаат започнато. Еден од дискурсите на оваа изложба покрај ангажираната порака е и спојот на убавото и грдото. Убавото изразено на класичен начин преку женското тело и лице и отпадот како симбол на грдото коешто на еден неконвенционален начин е исто така и убаво.

Локација: отпад Евроконтакти, Прилеп

Модел: Сања Костовска